Битола добива нова сала - копија на вардаровиот дом „Јане Сандански“! (ФОТО)

Битола повеќе од една деценија сонува за нов спортски комплекс и нова сала, особено откако Пелистер повторно се врати при врвот на македонскиот ракомет, па конечно е најдено идејното решение за новата сала, чиј изглед е – копија на вардаровиот дом СЦ „Јане Сандански“.

Битолчани денеска во офицерскиот дом можа да ги видат идејните решенија за новиот спортски комплекс и мултифункционалната сала која општината планира да ја гради, па меѓу тие што се појавија, победничка е таа на авторот Ѕвонко Ставревски, кој за идејното решение доби 200.000 денари, додека второто и третото идејно решение добија по 100 илјади односно 50 илјади денари.

И иако никој засега не знае кога салата ќе почне да се гради, ниту кога битолчани би ја добиле, градоначалникот Тони Коњановски објави дека наскоро ќе следат законските постапки за подготовка на техничката документација, а ја повика Владата на Македонија да помогне во изградбата на овој комплекс и да ѝ помогне на Битола.

Идејното решение за новата сала во Битола потсеќа на вардаровиот дом „Јане Сандански“, каде црвено-црните се преселија во 2015 година откако „лименката“ во скопската населба Аеродром беше урната и на нејзино место беше изграден спортскиот центар и хотелот Русија.

Вака изгледа идејното решение по кое битолчани ќе го градат спортскиот центар...

..., а вака изгледа вардаровиот дом „Јане Сандански“.

Инаку во офицерскиот дом беа презентирани сите идејни решенија за салата.