Ангеловски си замина од кормилото на Пелистер!

Македонскиот ракометен шампион Пелистер соопшти дека Бранислав Ангеловски си поднел оставка од тренерската позиција на клубот по тешкиот пораз од Алкалоид (25-32).

Пелистер го запиша вториот пораз оваа сезона во ракометната Суперлига, откако беше декласиран на гостувањето во Автокоманда кај најдобриот тим во моментов во лигата.

„Бранислав Ангеловски си поднесе оставка од функцијата прв тренер на Пелистер. Среќно понатаму Бранко, ти благодариме за сè“, соопшти Пелистер.

Ангеловски ја остава битолската екипа на четвртата позиција со 12 бодови по осум одиграни кола, односно четири поени помалку од лидерот Алкалоид.