АМС појасни: Пари ќе има за сите спортисти и вработени и хонорарци (ВИДЕО)

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски, на прес-конференција ги појасни мерките на владата наменети за спортистите, спортските работници и клубовите, потенцирајќи дека паричната помош ќе биде за сите спортисти, не само за оние со статус вработен.

Пакетот мерки донесени за поддршка и помош на спортот во периодот на пандемија со Ковид-19 ќе се однесуваат на сите спортисти, појасни Каевски, не само за оние кои се вработени во клубовите, како што првично гласеше мерката на владата.

„Направивме голем број консултации со спортски работници и со националните федерации и увидовме дека поголем број од спортистите се ангажирани со договор на дело или со друг вид договор и затоа со уредбата на владата сега ќе прочитате дека дополнително се опфатени и овие лица. Целта е да бидат што е можно поголем број на спортисти, стручни лица да бидат опфатени и да добијат средства од буџетот и за да можеме заеднички да ја надминеме кризата“, истакна Каевски.

Поедноставено, минимална плата од 14.500 денари ќе добијат сите спортисти во Македонија, чиј ангажман е регулиран со некаков, важечки договор. Сите клубови и спортисти кои ќе сакаат да ја искористат оваа помош, ќе треба да испратат барање за финансиска поддршка до својата матична федерација, најдоцна до 15 април, а потоа федерацијата ќе го спроведе тоа барање до АМС за да биде реализирано.

Покрај оваа мерка, која беше најавена уште со минатонеделниот пакет-мерки од владата, Каевски сега соопшти и за дополнителна финансиска инјекција за одржување на виталноста на македонскиот спорт во овој период:

- Помош во висина од 14.500 денари, за месеците април и мај ќе добијат сите клубови кои имаат регистрирано минимум 40 спортисти во младинските категории (до 18 години) во индивидуални спортови и минимум 80 млади спортисти до 18 години во екипните спортови.

- Покрај редовната поддршка, ќе АМС ги финансира тренинг-програмите на врвните спортисти од Македонија во индивидуалните олимписки спортови, кои ќе се подготвуваат за обезбедување норма за ЛОИ во Токио, идното лето.

- Намалување на цената на спортските објекти во сопственост на државата за 50 проценти и препорака до оопштините да го направат истото, со цел да се излезе во пресрет на клубовите и спортистите кои ќе ги користат овие објекти

- Ослободување од надоместок за котизација на клубовите кои треба тоа да го сторат до крајот на 2020 година

- АМС ќе обезбеди финансиски средства за реализација на националниот спортски систем на сите спортски федерации, до крајот на 2020 година