Шок во белградска Арена - тешка повреда на Мајк Џејмс (ВИДЕО)

Тешки сцени во белградската Арена на натпреварот меѓу Црвена звезда и Анадолу Ефес, откако Мајк Џејмс доживеа повреда во третата четвртина.

На нешто повеќе од две минути до крајот на периодот, при резултат 53-51 за Црвена звезда, Џејмс се лизна при обид да тргне во транзиција и падна на паркетот. Американскиот кошаркар веднаш се фати за десната Ахилова тетива и остана да лежи на теренот.

Натпреварот беше прекинат, а Џејмс со количка беше изнесен од теренот. Неговите соиграчи Метју Стразел, Бруно Фернандо и Џордан Лојд веднаш му пријдоа за да му дадат поддршка. Целата Арена стана на нозе и со аплауз го испрати Џејмс, кој е најдобар стрелец во историјата на Евролигата.

Засега нема официјална потврда за точната дијагноза, но првичните информации укажуваат на сомнеж за сериозна повреда на Ахиловата тетива. За тежината на повредата ќе биде потребно да се почекаат дополнителните медицински прегледи. Особено е интересен моментот што само два дена пред натпреварот Џејмс зборуваше за големиот број натпревари и напорниот календар во европската кошарка. Сега, токму во Белград, неговата сезона е доведена под сериозен знак прашалник.

Џејмс летово пристигна во Ефес од Монако, како еден од најзвучните трансфери во Европа, а неговото отсуство би било огромен удар за турскиот тим.