Владата со минимална плата ќе ги помага вработените спортисти во Македонија!

Минимална плата во износ од 14.500 денари за спортистите и спортските работници е една од мерките на Владата за справување на финансиската криза настаната поради пандемијата со коронавирусот.

Ова е една од мерките што на денешната прес-конференција ги промовира премиерот Оливер Спасовски, како дел од економските мерки за намалување на ударот што кризата со коронавирусот го има врз економијата во државата.

„За сите спортски работници и спортисти вработени во спортските колективи, Владата ќе обезбеди минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај“, изјави Спасовски.

Засега е сигурно дека оваа мерка колку-толку ќе им помогне на дел од фудбалерите, со оглед што секој од прволигашките екипи задолжително мора да имаат најмалку десет првотимци кои се пријавени во Агенцијата за вработување. Исто така е сигурно дека помош во износ на минималната плата ќе добијат и клубовите во сите спортови за своите вработени административци.

Но, сега во воздух виси прашањето за тоа дали и како ќе се најде начин за помош на кошаркарите, ракометарите, одбојкарите и останатите во помалите спортови, каде што речиси сите играчи функционираат со хонорарни договори заверени само од матичните федерации. Речиси и да нема спортски колектив во спортовите освен можеби РК Вардар што има редовно вработени спортисти, поради што останува да се види како оваа мерка ќе биде прилагодена за нив.