Дембеле првпат проговори за конфликтот со Мбапе

Усман Дембеле ги демантираше шпекулациите за наводен конфликт со Килијан Мбапе, откако во јавноста се појавија приказни за заладување на односите меѓу двајцата француски репрезентативци.

Причина за шпекулациите беа неодамнешните изјави на Мбапе за трката за „Златната топка“. Напаѓачот на Реал Мадрид зборуваше за тоа како во текот на кариерата бил сметан за „избраниот“, додека Дембеле постепено го достигнал тоа ниво. Токму овие зборови предизвикаа реакции и отворија простор за приказни за несогласувања меѓу двајцата.

Сепак, Дембеле на прес-конференцијата пред натпреварот на Франција против Италија порача дека нема сериозен проблем меѓу него и Мбапе.

„Не коментирам вакви работи. Тоа се мали војни на социјалните мрежи. На 29 години не размислувам за такви работи, туку сум фокусиран на теренот“, изјави Дембеле.

Тој откри и дека разговарал со Мбапе за целата ситуација, но не станувало збор за сериозна расправија.

„Разговаравме. Седиме еден до друг на маса. Нема проблем“, порача фудбалерот на Пари Сен Жермен.

Дембеле истакна и дека Мбапе останува исклучително важен за француската репрезентација, без разлика што во петок нема да настапи против Италија поради повреда на коленото.

„Тој постигна огромен број голови. Кога е тука, многу сме среќни затоа што ни носи нешто дополнително. Но, ние сме тим. Не победуваме со еден, двајца или тројца играчи, туку со целата група“, додаде Дембеле.

Дуелот со Италија ќе биде посебен и за Дембеле, кој во отсуство на Мбапе се очекува да ја предводи Франција како капитен.