Алкалоид првпат во историјата ќе игра на Ф4-турнирот во Купот!

Ракометарите на Алкалоид првпат во кусата клупска историја ќе играат на завршниот турнир од Купот на Македонија, откако вечерва, во финалето во групата кои се играше во скопска Автокоманда лесно и убедливо го совлада Вардар Неготино (36-23).

Најефикасен играч кај „фармацевтите“ беше младиот Дамјан Митев со седум постигнати голови, додека Александар Стојков беше стрелец на шест гола. Претходно, во драматично полуфинале, Алкалоид беше подобар од Бутел (25-24) и тоа со цепелин на Серафимов во последната секунда од мечот.

На фајналфор-турнирот од Купот на Македонија се пласираа уште и екипите на Пролет, Вардар и Пелистер, а предвиден е да се одржи викендот на 13 и 14 мај.