Алкалоид се распадна во „Јане“: Вардар ја запиша 11. победа во Суперлигата (ФОТО)

Поранешниот македонски и европски шампион Вардар ја продолжи победничката серија во ракометната Суперлига, откако денеска славеше со 34-28 против скопскиот ривал Алкалоид во 11. коло.

Двете екипи тргнаа одлично во натпреварот и беа посебно расположени во нападот, па неколку пати се менуваше предноста. Вардар се стабилизира во еден период од првото полувреме во кое го контролираше резултатот сè до 10-8, по што Алкалоид влезе во серија и поведе со 13-12.

До крајот на првиот дел се играше израмнето, односно гол за гол, па на паузата двете екипи заминаа со нерешен резултат (17-17).

Алкалоид водеше и на почетокот на вториот дел (19-18), но набрзо Вардар се разбуди и со голема помош на фантастичниот голман Васил Гогов почна да чекори кон новата победа. Додека „црвено-црните“ реализираа без поголеми проблеми во нападот, Гогов беше одличен на гол-линијата на вардарци и помогна за триумф од 34-28.

Најефикасен кај Вардар беше Дмитро Горига со девет голови, додека Мартин Серафимов постигна девет погодоци кај Алкалоид.