Aлкалоид без многу мака до триумф со Бутел

Ракометарите на Алкалоид ја оправдаа фаворитската улога и славеа на гостувањето кај Бутел Скопје со 24-29, во рамките на осмото коло од македонската Суперлига.

Избраниците на Кире Лазаров уште од самиот почеток покажаа дека се дојдени по бодовите. Гостите од Автокоманда наметнаа свое темпо и по само десет минути игра стекнаа предност од четири гола (4-8). Алкалоид ја контролираше играта и во продолжението од првото полувреме, па на паузата замина со предност од 12-15.

Ниту продолжението не донесе значителни промени на теренот. Гостинскиот состав продолжи сигурно да го гради својот резултат, а на десет минути пред крајот стигна и до највисоката предност од шест гола (17-23), со што практично го реши прашањето околу победникот.

Борзаш со пет погодоци беше најефикасен во победничкиот состав, додека голманот Галевски запиша 13 одбрани. Кај Бутел Скопје, Богдановски имаше 11 успешни интервенции, а Каевски и Јовиќ постигнаа по пет гола.