Според актите на РФМ - нема основа на Вардар да му бидат одземени бодови!

По немирите и нередите на дербито меѓу Вардар и Пелистер, во 5. коло од плејофот во ракометната Суперлига, се чека реакција од дисциплинската комисија при РФМ. Деновиве се шпекулира со можните казни за Вардар, а најдраконските сценарија содржат одземање бодови на црвено-црните, меѓутоа за такво нешто - нема основа.

Вардар беше домаќин на натпреварот, што значи тој одговара за сите прекршоци врз дисциплинскиот правилник, а нив ги имаше неколку: фрлање предмети на теренот, влегување на гледачите на теренот, прекин на натпреварот. Меѓутоа, сите овие прекршоци спаѓаат во член 106 од дисциплинскиот правилник на РФМ, кој гласи:

„На Клубот кој не се придржува на одредбите од пропозициите за натпреварување ќе му се изрече парична казна и тоа:“, по што наведени се можните прекршувања на одредбите и пропозициите. 

Според ова, сите прекршоци што се случија на натпреварот и фрлија дамка на дербито спаѓаат во овој член 106, во кој нема одредено некакво степенување на тежината на прекршокот и соодветна казнена сума, што значи РФМ ќе процени колкава би била сумата, која Вардар треба да ја плати.


Од друга страна, Дисциплинскиот правилник не нуди основа за тезата дека на Вардар треба да му се одземат бодови. Самиот термин „одземање бодови“ спомнат е во два случаја, во член 12 и во член 19. Член 12 е јасен и во него се вели:

„Доколку казненото лице не ја плати паричната казна во рокот, паричната казна ќе се замени со друга дисциплинска санкција и тоа забрана за натпреварување , или одземање на бодови“.

Член 19 е послободен за толкување бидејќи според него „одземање на бодови може да се изрече на клуб за сторени престапи во врска со натпреварувањето, ако тие се од големо значење или ако настапиле потешки последици по регуларноста на натпреварувањето или ако тоа е предвидено со друг акт на РФМ“. Слободното толкување овде е дефиницијата за  „престапи од големо значење“ и „потешки последици по регуларноста“, меѓутоа во официјалниот извештај од мечот немаше наведено тешки последици и сериозни престапи.

Одземањето бодови, кое, патем, може да биде максимум шест, може да се случи само ако клубот не плати претходни казни или ако РФМ процени дека имало „тешки последици“ и „престапи од големо значење“.

Друга мерка е играњето пред празна сала, кое може да биде максимум во траење од три натпревари. И тој член е уреден со исти услови како со одземањето бодови, што значи играњето пред празна сала е првиот степен на казна пред одземањето бодови, во случај РФМ да го утврди истото - „потешки последици“ и „престапи од големо значење“. Своевиден жолт картон, пред две минути исклучување. Со оглед на тоа дека Вардар има уште три домашни меча до крајот на сезоната, можно е да не одигра ни минута пред своите гледачи.

Сите пропусти во обезбедувањето и организацијата на редарите се пропусти и со голо око, без да се гледа во дисциплинскиот правилник и Вардар сигурно ќе добие висока парична казна за тоа, имајќи предвид дека Пелистер минатиот месец беше санкциониран со 90.000 денари за паролите на Чкембари со навредлива содржина кон  РФМ.