Суета до небо: Роналдо го блокирал „Трансфермарк“ кога видел колку го – вреднуваат!

Големото его и неверојатната суета се се веќе општо прифатени работи поврзани со карактерот на Кристијано Роналдо, кои се потврдуваат и со неговиот последен потег, а тоа е блокирање на Инстаграм на најпопуларниот сајт за вреднување на фудбалерите – Трансфермаркт.

Португалецот бил спомнат како дел од најдобрите 11 фудбалери чиј агент е Жорж Мендеш, но бил навреден што неговата вредност била проценета на „само“ 75 милиони евра во тој момент. Тој сметал дека вреди далеку повеќе и се налутил, па дури и ја прекинал секоја виртуелна врска со профилот на „Трансфермаркт“.

„Го објавивме тимот со најскапите фудбалери на Мендеш во кој Роналдо беше на првото место. Но, тој ни се јави за да ни каже дека неговата вредност е далеку повисока од таа што ние сме ја определиле. Прво испрати порака до нашите колеги на социјалните мрежи, кои се обидоа да му објаснат како ја одредуваме вредноста, со напомена дека тој е убедливо најскап во категоријата фудбалери постари од 33 години. Но, тоа не го задоволи, па ни испрати некои смајлиња и веднаш нѐ блокира“, изјави Кристијан Шварц, еден од главните на „Трансфермаркт“.

Ова се случило пред две години, кога Роналдо вредел 75 милиони евра, додека сега, неговата вредност е 35 милиони евра како дури 136. најскап фудбалер во светот, но прв за играчи со најмалку наполнети 34 години.