Рагбист се снимаше со пиштол и ги вознемири сите: Некој сака да ме убие! (ВИДЕО)

Рагбистот на Минесота викингс, Еверсон Грифен направи голема драма, по што заврши во болница, откако 14 часа беше затворен во својот дом и бараше помош затоа што сметал дека некој сака да го убие.

Грифен се снимаше со пиштол и беше вознемирен, а на пријателите им испрати порака да му помогнат.

„Се наоѓам дома. Сакаат да ме убијат. Ова е мојот пиштол, знам каде го купив, ги имам сите документи. Ми треба помош. Некој се обидува да ме убие во мојот дом“, кажа Грифен.

Полицијата реагираше по објавената снимка, па пристигнаа пред домот на рагбистот, но тој не сакаше да ја напушти куќата.

По долго време некако го убедија дека нема ништо да му се случи, па го префрлија во болница, каде што доби психијатриска помош.

„Го напушти својот дом без никаков инцидент и во моментов ја добива потребната помош. Ѝ се заблагодаруваме на полицијата за брзата интервенција“, соопштија од клубот.

Грифен е сместен во болница, а сличен проблем имаше и во 2018 година, поради кој ја пропушти сезоната.