Леброн ќе снима документарец за најголемиот расистички масакар во САД!

Еден од најдобрите кошаркари во НБА, Леброн Џејмс, ѕвездата на ЛА Лејкерс не запира во борбата за поголеми права и подобар живот на афроамериканците во САД, па во таа битка заедно со мрежата „Си-Ен-Ен“ ќе снима документарен филм за еден од најголемите расистички ужаси во 20-те години во Америка.

Леброн и „Си-Ен-Ен“ ќе снимаат документарец за масакрот во Тулси, Оклахома во 1921 година, па идната година со него ќе се одбележи еден век од најголемиот ужас што афроамериканците го доживеале од белците во САД.

Таа година во еден ден бил срамнет цел станбен блок во кој живееле афроамериканци како одмазда поради напад од 19-то годишен црномурест чистач на кондури врз 17-годишна девојка. Таа искра го кренала целиот град на нозе, а и локалните власти тогаш се ставиле на страна на белците и тргнала осветата, па почнал нападот над станбениот блок, кој го викале „црн Вол стрит“, зашто бил најбогат во тој регион, а во него живееле афроамериканци и потоа бил срушен до темел.

Официјално загинале 39 лица од кои 26 афроамериканци, но според други извештаи масакрот бил со поголем размер и имало преку 300 мртви, па низа историчари тврдат дека со децении овој масакар се криел од јавноста и сега Леброн сака да ја открие комплетната вистина за истиот.

„Не можеме да одиме напред, ако не ја расветлиме нашата историја, додека не покажеме што се случувало во црната заедница, една од многуте кои биле на удар, само поради омраза. Работиме на документарецот со различни здруженија, вклучувајќи и граѓани на Тулса и нашата мисија е да кренеме глас и да ги кренеме луѓето со впечатлива содржина која ќе ја прикажеме“, рекол Џамал Хендерсон, шефот на компанијата на Леброн.

Филмот ќе го има насловот Земја на соништата: Успонот и падот на црниот Вол Стрит.