Интер има најлуд голман - нема минута на терен, а веќе има два црвени картони!

Голманот на Интер, Томазо Берни, важи за еден од најлудите чувари на мрежата во светот на фудбалот, а причината е јасна – не одигра ниту минута за тимот од Милано иако е член на овој клуб од 2014 година, а веќе доби два црвени картони.

Искусниот голман не може да се пофали со примерно однесување, а на синоќешниот натпревар во Серија А со Парма беше исклучен по втор пат оваа сезона.

Берни протестираше пред судијата во 68-та минута, поради што беше испратен на трибините. Тој претходно „поцрвене“ во јануарскиот дуел со Калјари.

Берни го одигра својот последен натпревар во 2013 година кога беше дел од Сампдорија. После тоа, тој мина една година во Торино, а во 2014 година стана член на Интер, тим за кој сеуште го нема направено своето деби.