„Хомосексуалните парови ќе смеат да се држат за рака на СП во Катар“

Катар како домаќин на Светското првнство мора(ше) да направи многу промени во своите обичаи, но и во законската легислатива, ако сака да има публика, која ќе троши и ќе се забавува за време на Мундијалот. Најдоа компромис за некако да се консумира пиво, а очигледно ќе прогледаат на прсти и на - хомосексуалците.

Иако од катарските власти нема официјална изјава или каков било изнесен став по оваа тема, се огласи англиската Фудбалска асоцијација (ФА), која активно се залага за олабавување на забраните за хомосексуалните двојки во Катар. Таму е забранета со закон истополна врска и граѓаните биле охрабрени да пријават каква било експресија на истополни емоции во јавност.

Ако му се верува на првиот човек на ФА, ова немало да биде така строго од 20 ноември до 18 декември.

„На пример, некој помал прекршок, како држење за рака, нема да биде илегален за истополните парови, а ќе биде дозволено и носење знамиња во боите на виножитото. Меѓутоа тие нема да смеат да се закачат на џамии, на пример, така би се искажало непочитување кон локалната култура. Домаќините секако се упатени во оваа проблематика и ќе знаат да реагираат на вистински начин“, изјави за „Гардијан“, Марк Булингам, директорот на ФА.

Дел од капитените на репрезентациите ќе имаат капитенски ленти во боите на виножитото, а еден од нив ќе биде и Хари Кејн. Сепак, кој знае колкава ќе биде дискрепанцата од овие зборово, до реалноста на терен и колку локалците во Катар ќе имаат толеранција за нешто што кај нив го забранува и религијата и законот.