Го избркаа после 13 сезони во клубот - ги искоцкал сите пари собрани од казни во тимот!?

Капитенот на норвешки Молде, Вегард Фјорден поради невидена глупост после 13 години во клубот дочека да биде избркан, откако го фатиле дека ги искоцкал сите пари што во клупската каса ги собирале од казни во соблекувалната.

Фјорден за Молде одигра 384 меча, но неговата зависност кон казината сега го чини невиден срам и најлош начин да си замине од клубот во кој ја помина целата младост. Тој поради коцкањето влегол во сериозни долгови, но тие прво успевал да ги покрие со кредит(и), ама кога заглавил уште подлабоко решил да се вади со пари од касата. За казните кои играчите ги плаќале поради прекршување на „тимски кодекс“, одговорен бил капитенот, а Фјорден решил да си поигра со нив во казино. Но, откако и тие го искоцкал – го фатиле. Сега должи – 9.225 евра.

„Тажно е што вака ја завршувам кариерата во Молде, но сфаќам дека со постапките ја урнав сета доверба. Ми е срам и сакам на сите да им се извинам, а посебно на моето семејство, на пријателите, на соиграчите, на навивачите...“, рекол тој.