Димитријевиќ: Црно-бел сум од мали нозе, ми се исполни сонот да го запознам Жељко!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, одигра симултанка во вчерашниот меч за 3. место на ВТБ-купот помеѓу Уникс Казан и Партизан (83-77) со дури 30 постигнати поени, по што изрече комплименти за противничкиот тим и тренер.

Тој за српските медиуми изјави дека со запознавањето со Жељко Обрадовиќ му се исполнил детскиот сон и дека целото негово семејство отсекогаш навивало за црно-белите.

„Нема што да кријам, од мали нозе сум за Партизан. Мојот дедо навиваше за Партизан, исто и мојот татко, поради што ова беше специјален меч за мене. Запознавањето со Жељко (Обрадовиќ) беше остварување на детскиот сон за мене. Има разлика во лигите во Шпанија и Русија, но фокусиран сум на напредокот, личниот и тимскиот. Очекувам да бидам лидер, сакам да покажам дека можам да помогнам на теренот“, изјави популарниот Нено.

Димитријевиќ најголем дел од кариерата мина во Хувентуд, од каде што лани направи трансфер во Валенсија, која летово го испрати на едногодишен заем во Уникс.