Светски рекорд: Дрес на Мајкл Џордан продаден за – 10 милиони долари

Дресот на најдобриот кошаркар на сите времиња Мајкл Џордан од првиот меч од финалната серија во 1998 година е продаден вчера на аукција за неверојатни десет милиони долари, двојно повеќе од максималната цена која се очекуваше да ја достигне.

Дресот на „ем-џеј“ стана најскапиот што некогаш се продал од спортска опрема во историјата, надминувајќи го рекордот што неодамна беше поставен со продажбата за 9,3 милиони долари за дресот на легендарниот Аргентинец, Диего Армандо Марадона со кој го даде и најконтроверзниот (божја рака) и најубавиот гол (ја предрибла цела Англија) во историјата на Светските првенства.

За очекување било дека дресот на Џордан од финалната серија која ја доби Чикаго Булс со 4-2 против Јута да достигне помеѓу три и максимални пет милиони „зелени банкноти“, но тој ги надмина сите очекувања и достигна двоцифрена милионска сума.