Марко го најави десеттото освојување на Охридското езеро – ќе плива 64 километри

Еден од најголемите спортски херои во последно време кај нас, пливачот Марко Пејчиновски, на христијанскиот празник Голема Богородица на 28 август ќе ја заврши својата мисија летово, а тоа е десет пати да го преплива Охридското езеро како доказ дека без разлика на сите проблеми, ако сте упорни и решителни ќе може да дојдете до посакуваната цел.

Сега веќе 16-годишниот маратонец со години наназад покажува дека и со некроза на ногата, поради која одреден период не смееше да плива, може да се оствари зацртаното.

„После 186 километри во девет препливувања, го најавувам моето последно препливување на релација Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид во должина од 64 километри. Пред три години, поради болка во ногата, го прекинав пливањето на оваа релација која остана мој неостварен предизвик. Тука сум да си докажам колку сум подобрен, да си докажам дека можам да го остварам мојот сон и да ја исполнам мојата желба и празнината која остана. Сакам да ве инспирира и вас, без разлика колку нешто изгледа тешко во животот, не значи дека е невозможно, без разлика какви се пречките кои ги имате на патот до успехот морате да продолжете и не смеете никогаш да се откажувате. Имајте своја цел, најдете свој мотив и остварете ја“, изјави Марко.

Пејчиновски првпат ѝ стана познат на јавноста пред четири години, кога со 12 години како најмлад во историјата го „скроти“ Охридското езеро.