Миовски следните четири сезони ќе тресе мрежи во дресот на Абердин!
Тој на Островот се сели по престојот во МТК, каде што минатата сезона постигна девет голови на 29 средби во дресот на унгарскиот прволигаш. Шкотите се презадоволни што успеале да дојдат до неговиот потпис, бидејќи во игра биле и неколку други екипи, а потенцираат дека веќе има десет настапи за Македонија за која беше стрелец на два гола во неодамнешната победа над Гибралтар (4-0).
„Бојан го следиме повеќе месеци наназад и се изборивме во жестока конкуренција за неговиот потпис. Тој е одличен напаѓач со предиспозиции да успее во шкотската лига. Без разлика што утре ќе полни само 23 години, тој веќе е етаблиран репрезентативец на Македонија, која за малку ќе се пласираше на Мундијалот во катар. Затоа сме презадоволни што ќе го гледаме во следните четири години во дресот на нашиот тим“, изјавија од Абердин.