Рим и Италија се крстат во Мурињо - ќе дојде ли европски пехар на апенините по 12 години?
И во пресметката на „волчицата“ која после 31 години првпат игра европско финале со ротердамскиот гигант кој после точно 20 години чека на нов европски пехар од последното свое финале, главна ѕвезда е „специјалниот“ - контроверзниот Жозе Мурињо.
Португалецот денеска со Рома има шанса да влезе во историјата како прв кој ги освоил сите можни европски пехари, зашто има два од ЛШ до Порто (2004) и Интер (2010) и еден во Лига Европа со Манчестер јунајтед (2017), а како помошник на легендарниот Боби Робсон има и пехар од Купот на националните куп-победници (КПК) со Барселона во 1997 година. И во Мурињо не се крстат само во „вечниот град“, туку и во Италија, зашто од европската круна на Интер под палка на „специјалниот“ со Горан Пандев во тимот, ниту еден италијански клуб не успеал да освои во овие 12 години ни еден европски трофеј, ниту во ЛШ, ниту во Лига Европа.
„Јас сум тренер со историја, Рома е голем клуб со традиција и чувствувам одговорност да се обидам и да го освојам овој трофеј. За нас оваа Конференциска лига е Лига на шампиони. Овој клуб долго време не дошол до едно европско финале. Ова е меч кој е поинаков, носи тензија, притисок, одговорност. Тука не игра ни историја, ниту ништо друго, играме сега и пред нас е противник кој треба да го победиме. Го сакаме трофејот, јас сакам да победувам, страста е иста кај мене иако имам 59 години“, рече Мурињо.
Рома и Феенорд само еднаш досега во историјата се сретнале во европските пресметки и тоа во 2005 година во шеснаестинафиналето во Купот на УЕФА, кога римјаните со вкупни 3-2 ги победија Холанѓаните и тоа со триумф во Ротердам со 2-1 после ремито 1-1 на „Олимпико“. За Рома ова е трето финале после два загубени во КЕШ од Ливерпул на пенали во 1984 и од Интер во Купот на УЕФА во 1991 година, а имаат еден европски трофеј од 1961 година во Купот на Саемските градови, претходникот на Купот на УЕФА.
За разлика од римјаните, Феенорд има три европски трофеи, од кои еден највреден, Купот на Европските шампиони во 1970 година и два Куп на УЕФА во 1974 и 2002 година и досега немаат загубено европско финале.