Ѓоковиќ по налогот за депортација: Разочаран сум - ПРЕМНОГУ!

Спортскиот свет ќе мора да почека на историскиот момент кога Новак Ѓоковиќ ќе стане тенисер со најголем број освоени гренслем-титули, со оглед што сега има по 20 заедно со Федерер и Надал, откако во последен момент му беше одземена шансата да настапи на претстојниот Австралија опен, со одлуката на федералниот суд за потврда на одземањето на неговата виза за влез во државата.

Тоа дефинитивно ги разочара милините негови навивачи, но и обичните вљубеници во спортот, пред сѐ поради начинот на кој популарниот Ноле беше третиран во изминатата недела, во која траеше сагата со неговата депортација. Србинот по одлуката на судот даде само куса изјава.

„Ќе земам некое време за одмор и за рекуперација пред да дадам поопширен коментар на оваа тема. Силно сум разочаран од одлуката на судот. Но, ќе ја испочитувам и ќе соработувам со властите за сѐ што побараат од мене. Се чувствував непријатно периодов, бидејќи целото внимание беше свртено кон мене. Сега е време да се концентрираме на турнирот и на тенисерите, без разлика што јас нема да бидам со нив. На сите што ќе настапат и што ќе го организираат и посакувам успех и среќа“, изјави Ѓоковиќ.

Федералниот суд на Австралија со гласање 3-0 на судиите реши да ја одбие жалбата на најдобриот светски тенисер за одземање на влезната виза, што значи дека тој во најкус можен рок мора да ја напушти државата. Згора на тоа, српскиот ас се соочува и со тригодишна забрана за влез на австралиска територија, што би значело и крај на неговите настапи на турнирот во Мелбурн, каде што досега има девет победи.