„Марка“: Македонија повеќе не е Пепелашка, a ниту лесен залак – на сите тоа ни го докажа!

Најугледниот шпански спортски весник „Марка“ со посебна приказна ја издвои новиот историски успех на Македонија, посочувајќи дека црвено-жолтите после летниот настап на Еуро 2020 ќе се борат за пласман на Мундијалот, нешто што после сѐ покажано и не е – невозможно.

„Марка“ во својот текст посветен на Македонија посебно ја истакнува „магичната соблекувална која ја однесе земјата на чекор до Светско првенство“. Целиот текст на најпознатиот шпански весник во го пренесуваме во целост.

Не така одамна Македонија беше една од земјите во фудбалот кои ги нарекуваа „слатки“ противници. За европските (веле)сили дуелите беа непријатни гостувања, ама гаранција за освојување на шест бода против земјата која произлезе од распадот на Југославија во 90-те години од минатиот век. Ни, тежината на македонскиот фудбал во тогашниот југословенски фудбал не беше преголема. Само Дарко Панчев во еден период и ништо друго што можеше да се натпреварува со Србите, Хрватите и Босанците до независноста.

Арно ама, денеска сѐ се смени. Македонија е поблизу од било кога да игра на Светско првенство. После настапот на Европското првенство, благодарение на плејофот од Лигата на нации, малата балканска држава сега има бараж за Мундијалот. Ждрепката ќе им донесе некој фаворит кој е носител, но тимот што Игор Ангеловски го изгради, а сега Благоја Милевски го тренира и води, веќе испрати порака дека никој не може против Македонија да верува дека лесно ќе помине.

Македонија загуби во Букурешт со 2-3, а до 83-та минута имаше 0-2 и успеа да израмни, пред да загуби на крајот во 88-та минута, загуби два бода на Исланд после водство од 2-0, лесно ги победи Лихтенштајн и Ерменија, а направи епски успех со победата во Германија со 2-1. Но, напредокот на Македонија оди рака под рака со заминувањето на фудбалерите во силни лиги, нешто што е нормално, но со разлика што тие играчи имаат многу важна улога во своите тимови во големите лиги. Столе Димитриевски (Рајо Валјекано) и Енис Барди (Леванте), се два претставници на малата балканска земја во Ла Лига.

Вториот чекор во македонската историја доаѓа во момент кога тимот остана без својот капитен и лидер Горан Пандев, најдобриот македонски фудбалер, откако после Еуро 2020 реши да стави крај на репрезентативната кариера оставајќи зад себе рекордни бројки од 122 меча и 38 гола за националниот тим. Сите што мислеа дека неговиот недостаток ќе создаде ненадоместлива дупка во тимот и може да ја искомпликува таа битка за второто место – згрешија.

Во македонската соблекувална беше јасно дека шест бода во оваа последна рунда се клучни за баражот. И во нивната „пресметка“ беше дека Романија нема да го победи Исланд. И сѐ случи тоа, 0-0 во Букурешт, шанса која не се испушта и не ја пропуштија на скопската Арена со победата над Исланд.

Сега им доаѓа баражот, а ќе треба да патуваат на гостување кај некој од шесте најдобри второпласирани селекции во овие квалификации. Ќе им дојдат на гостување да ја играат својата игра, ќе дојдат со големо заедништво, со тимски дух и со јасна идеја што сакаат на теренот. Дополнително со силата на „магичната соблекувална“ во која фудбалерите се обединети и зборуваат за сѐ, од тактика до животот во тимот, Македонија повеќе не е – пепелашка!

Од тоа што се случува во тие четири ѕида во соблекувалната, секоја концентрација која произлегува, сите шеги на сметка на својата земја, комедијантите со шегите за секое патување и немањето почит и восхит кон селекцијата повеќе ги нема.

Зашто сега никој, ама баш никој нема да може да каже дека Македонија е лесен залак!

Мигел Анхел Лара (МАРКА)