Замислете: Македонија против Германија, ракометен меч пред 50.000 гледачи!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги соопшти шесте града домаќини на Европското првенство во Германија, кое ќе се одржи од 10 до 28 јануари 2024 година. Еден од нив е Диселдорф, во кој ќе биде отворен шампионатот и тоа со нов светски рекорд.

Планот на организаторот е првенството да го отвори на „Меркур шпил-арена“, стадионот на фудбалскиот клуб Фортуна Диселдорф, што би значео поставување на нов светски рекорд, со оглед дека тој има капацитет од 54.600 гледачи. Досегашниот рекорд изнесува 44.189 гледачи, кога во 2014 година, во Франкфурт се сретнаа Рајн-Некар и Хамбург, а ова ќе биде чекор погоре, бидејќи станува збор за натпревар на репрезентацијата на Германија.

Теоретски и Македонија може да биде дел од тој натпревар, се разбира, ако се квалификува на Еуро 2024, ако во ждрепката се падне во иста група со Германците и ако според системот на играње ѝ се падне да се соочи со домаќинот уште во првото коло.

Диследорф ќе се користи само за тој прв меч од првенството, а потоа групната фаза ќе продолжи во Минхен, Манхајм и со две групи во Берлин. Главната фаза ќе се одвива во Хамбург и во Келн, а полуфиналињата и финалето се планирани исто така во Келн, во прочуената „Ланксес Арена“.