
Лоша вест од УЕФА: Само 2.000 Македонци ќе можат да патуваат во Букурешт!
Лоша вест доаѓа за македонските навивачи од Нион, откако од вчера се пуштени влезниците за македонските навивачи за ЕП, но Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) не објави никаков детал околу продажбата преку „порталот за влезници на европската централа“ на интернет-страница.
Според информациите до кои дојде Спорт 1, за Македонија се предвидени по 2.000 влезници за мечевите на Евро 2020, но за „нормалниот народ“ ќе бидат достапни 1.500 билети, зашто останатите 500 се очекува да бидат резервирани за роднините на фудбалерите, потоа за членовите на УО и разноразните сплеткароши од ОФС-ата што му помогнаа на Муамед Сејдини да остане прв човек на ФФМ.
Но, проблемот за останатите 1.500 влезници е што секој заинтересиран мора да добие код за купување на влезници преку ФФМ, односно ќе мора да ја мине „цензурата на куќата на фудбалот“, како филтер за да добие право да купи билет.
Од тоа што го објави УЕФА, секој заинтересиран ќе мора да ја исконтактира ФФМ или лицето за контакт преку мејл, за да добие код со кој ќе може да купи билет, откако прво ќе мора да се логира на порталот за влезници, мислиш ќе пополнува барање за американска виза.
Сето ова практично ќе доведе, до влезници да доаѓаат тие што „ќе си најдат или фатат врска“ во Куќата на фудбалот, зашто од ФФМ после еден ден откако официјално се пуштени картите во продажба, си премолчеа за да објават нешто како информација кон навивачите и поддржувачите на националниот тим.
Македонија ќе дебитира на ЕП на 13 јуни против Австрија во Букурешт, а четири дена потоа на 17 јуни во романската престолнина игра со Украина. Третиот меч од групата Ц е на 21 јуни во Амстердам против Холандија.
За тие што планираат да одат во Букурешт, влезот во оваа земја ќе биде можен и само со ПСР-тест, кој мора да е негативен, но сите што ќе дојдат во романската престолнина ќе може да се задржат повеќе од првично одредените 72 часа, што значи дека навивачите без проблем ќе може да ги гледаат двата меча на репрезентацијата на Националниот стадион.
За Амстердам засега нема подетални информации за присуство на странци, освен дека за влез на стадион ќе биде задолжителен негативен ПЦР-тест.