Пелистер падна и во Прешов: Продолжува серијата порази на битолчани
Откако Вардар го преслуша Пелистер во домашното првенство и два пати Магдебург во Европската лига, момците на Жељко Бабиќ и денеска потфрлија. Словаците имаа контрола на мечот во текот на целиот натпревар. Во првото полувреме најчесто водеа со 3-4 голови разлика, а на полувремето беше 16-14.
Битолчани на средина од второто полувреме дојдоа до израмнување 22-22, но тоа беше и последниот нивни обид да дојдат до позитивен резултат. Татран брзо се врати во предност, па дури и дојде до +4 и знаеше како да ја одржи предноста до крајот за конечни 32-28.
Јосип Периќ со 10 голови беше најефикасен во таборот на нашиот тим, додека Стипе Мандалиниќ имаше седум. Градимир Чаневски на голот запиша седум интервенции. Оливер Рабек и Педро Пачеко со по седум голови најмногу се истакнаа кај Словаците.
Еурофарм Пелистер сега има три победи и два порази на пет натпревари во групата А, додека Загреб има три победи од исто толку натпревари. Татран Прешов има две победи од пет средби, додека Металопластика е последна со една победа.