Сејдини и ФФМ лани потрошиле 15,7 милиони евра! (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во минатата 2020 година имала рекорден буџет за трошење - вкупно 21,6 милиони евра, покажува финансискиот извештај на куќата на фудбалот до кој дојде Спорт 1. Во наредниов период секојдевно ќе објавуваме делови од завршната сметка од 2020 година, делови од финансискиот план за 2021 година и како расипнички се трошеле и ќе се трошат огромните суми на евра кои претежно како донации или како проекти доаѓаат од ФИФА и УЕФА.

Муамед Сејдини вчера со 52 гласови „за“, беше реизбран за претседател на најмоќната и најбогатата фудбалска организација. Избор кој беше вистинска фарса уште од почетокот кога и најголемиот дел од општинските сојузи (ОФС) му дадоа поддршка уште пред тој официјално да се кандидира. Но, гледајќи со колку пари годишно располага Сејдини, не е ни чудно зошто вчера без никаква расправа беше извршен неговиот реизбор. Само погледнете ги финансиските податоци од минатата 2020 година и најдобро ќе ви дадат одговор на прашањето зошто е толкава битката за да се задржи престолот на ФФМ.

Во годината во која пандемијата со коронавирус ни донесе нова (не)нормалност, а пола година практично ништо не се случуваше во македонскиот фудбал поради локдаунот и прекинатата сезона, ФФМ оствари рекорди и во приходи и во трошоци, најмногу поради историскиот пласман на фудбалската репрезентација на ЕВРО 2021. Пишувавме дека премијата за тоа е 9,25 милиони евра од УЕФА, а од неа фотелјашите во Управниот одбор без срам си се самонаградија за големиот успех со по 20.000 евра.

ФФМ во 2020 година имала вкупни приходи од 1.332.799.332 денари (21,6 милиони евра), од кои повеќе од две третини отпаѓаат на приходи од УЕФА, како што пишува во финансискиот извештај. Во бројки, од УЕФА и ФИФА дошле вкупно 1.123.931.878 денари (18,2 милиони евра) и тоа по четири основи – девизни приходи, приходи од хет-трик програма (инвестициска програма), приходи по основ на солидарна шема и приходи во вид на донации од УЕФА.

Останатиот дел во приходната страна на финансискиот извештај, најголем дел е пренесениот вишок од скоро три милиони евра од претходната 2019 година, или поточно 183.172.100 денари (2,97 милиони евра), а остатокот од ситни приходи е по основ на приходи од стручни служби и комисии (11.073.793 денари), ТВ-права (5.295.770 денари) и од спонзорства и донации од 4.415.560 денари (71.000 евра), што најдобро го отсликува капацитетот на раководната структура на оваа федерација околу привлекувањето на спонзори и внесувањето на сериозни пари во организацијата.

Впрочем, нивната неработа веќе со години, добро го отсликува овој податок околу спонзорствата, зашто тие не го покриваат ни вкупниот вообичаен трошок од скоро пет милиони денари што ги добива 15-членото највисоко раководно тело на организацијата.

ФФМ во кризната 2020 година успеала да потроши цели 965.762.420 денари (15,7 милиони евра), а на сметката е останат нето вишок по оданочување од 366.789.958 денари (5,9 милиони евра).

Најмногу е потрошено во одржување и одганизација на мечеви на националните тимови (сместувања, превоз, премии, повици), како и во организација на мечеви од домашното првенство од 237.902.456 денари (3,8 милиони евра), пари во кои се влезени и премиите што фудбалерите ги добија за историскиот пласман пред крајот на годината на ЕП, на кое ќе играат летово. Вкупно 3,2 милиони евра беше вкупната премија во која влегоа и селекторот, стручниот штаб, помошниот персонал (лекари, физиотерапевти, економ, секретар на А-тимот, директор на А-тимот, портпароли...)

Втора најголема расходна ставка на трошоци се пари за клубовите од УЕФА - 202.785.423 денари (3,2 милиони евра), додека за инвестиции се потрошени 182,5 милиони денари, од кои две третини се заведени како трошоци за игралишта - 159.594.785 денари (2,5 милиони евра).

Само режиските трошоци на ФФМ се 85.371.614 денари (1,3 милиони евра), за лични трошоци во ФФМ, во кои се бруто плати, регрес, исплати на стручна служба е 78.270.370 (1,2 милиони евра), додека за договори за повремени работи како надворешни соработници и селектори се потрошени 109.508.448 денари (1,7 милиони евра), сума во која веројатно се влезени и делот од премиите за стручниот штаб и помошниот персонал во репрезентацијата.

Државата, пак, од данок – персонален и ДДВ, во 2020 година заработила 23.330.177 денари (безмалку 400.000 евра).

ПРОДОЛЖУВА!