Шкендија во Анталија со четири подготовки – главниот тест со Динамо Киев

Актуелниот прволигашки лидер и трикратен шампион Шкендија за три дена заминува во Анталија (Турција) на главната фаза од подготовките за пролетниот дел од сезоната каде ќе одигра четири контролни мечеви, а главниот тест ќе им биде со украинскиот великан Динамо Киев.

Шкендија, која зимава остана без Валон Ахмеди, но местото го пополни со албанскиот интернационалец Рубин Хебај, заминува за Анталија на 24 јануари и на турскиот југ ќе претстојува до 8 февруари, откако веќе полека ја привршува првата фаза од подготовките кои ги одработи во Тетово.

Три од четирите договорени пресметки на подготовките во Турција, Шкендија ќе ги има со противници од Украина, а еден со казахстанска екипа

Еден ден после пристигнувањето во Анталија, Шкендија ќе го има првиот тест против Зарја, клуб во кој игра поранешниот вардаров лев бек Жуниор и младинскиот репрезентативен стопер Агрон Руфати. На 30 јануари е закажан вториот тест против нов украински прволигаш, Десна, третопласираниот тим моментно во Украина веднаш зад гигантите Шахтер и Динамо Киев.

Третата контролка е на 3 февруари со казахстански Кајсар, моментно седмопласиран во своето првенство, додека последниот меч и главниот тест на 7 февруари, еден ден пред завршувањето на главната фаза ќе биде пресметката со Динамо Киев.