Украина договори дури три теста за Евро 2021 како подготовка и за мечот со Македонија
Украина, со која Македонија ќе игра на 17 јуни во второто коло ќе се соочи со Бахреин на 23 мај, потоа со Северна Ирска на 3 јуни и со Кипар на 7 јуни, во трите контролни пресметки пред настапот на Евро 2021, каде освен со црвено-жолтите, ќе играат и со Холандија (прво коло) односно Австрија (трето коло).
Претходно, Украина ја чекаат три меча во март годинава на стартот на мундијалските квалификации и тоа со светскиот првак Франција, сензацијата од последните квалификации Финска, како и со аутсајдерот Казахстан.
Македонија на Евро 2021 ќе дебитира на 13 јуни со Австрија, а после мечот со Украина, ја чека пресметка со Холандија во последното коло. Првите два меча треба да се играат во Букурешт, а последната во Амстердам, но дали ќе има промени во организацијата на првенството ќе се знае на 5 март, иако веќе сериозно се најавува дека е можно само една земја да го организира континенталниот шампионат, наместо претходно избраните 12 градови, поради актуелната пандемија со коронавирус.