На Динамо Загреб може сите да му се поклонат – втор извозник на фудбалери во светот (ФОТО)

Одамна сите знаат дека загрепски Динамо е клуб кој треба да биде пример како треба да работи еден клуб, кој нема преголеми приходи од ТВ-права, маркетинг, билети, па најголем дел од своето нормално финансиско работење и опстојување е од создавање и продажба на фудбалери, како и од успесите во Европа и богатите премии од УЕФА.

Поради тоа системот кој од поодамна го создаде контроверзниот и силно оспоруван Здравко Мамиќ се покажува на дело, кога секое лето, Динамо прави по еден џиновски трансфер, па до врв ја полни касата, притоа правејќи милионски трансфер(и) и на фудбалери кои немаат ни еден час сениорски фудбал.

Затоа и не чуди податокот што ФИФА го објави дека „фабриката од Максимир“ е втор најголем извозник на фудбалери од клубовите на светот, со дури 43 трансфери во цела 2020 година. Или практично скоро два комплетни томови (две екипи по 23 фудбалери) продале „модрите“ за една година и од тоа направиле еден куп пари.

Во извештајот на ФИФА стои дека Хрватска заработила од трансфери севкупно 91 милион долари, а повеќе од две третини од таа заработка отпаѓаат на трансферите што Динамо ги направил.

Само Манчестер сити, тазе формираниот гигант од последната деценија во овој 21 век има повеќе трансфери од Динамо, и тоа за два – 45. Зад загрепчани се сите останати, од најголемите великани во европскиот и светскиот фудбал, па и од поодамна големите фабрики што беа на врвот во производство и пласман на фудбалери, пред сѐ португалските Порто, Бенфика, француски Монако....

Дури и Бразил, најфудбалската земја на светот, која веќе со децении е најголем извозник на фудбалери низ светот, нема клуб како загрепчани, што прави толку трансфери на годишно ниво. Во Јужна Америка, исклучително фудбалска земја, Флуминенсе со 26 трансфери е број еден, пред Палмеирас, Атлетико Паранаенсе, Фламенго, Бока јуниорс...