Димитријевиќ е еден од најдобрите двајца млади кошаркари во Еврокупот
Една од темите беше насловена како „Ѕвезди во подем“, во која се најде македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, кој според генералните менаџери е втор најдобар млад играч во ова натпреварување. Виктор Вембанјама од Нантер доби 20,8-отсто од гласовите додека организаторот на играта на Хувентуд и на жолто-црвената селекција имаше 16,7-отсто во анкетата на Еврокупот.
Испитаниците сметаат дека екипата од Бадалона е една од најзабавните за гледање, заедно со Виртус Болоња, и еден од најтешките противници во Еврокупот, исто така во тесна конкуренција со тимот од Болоња. Соиграчот на Димитријевиќ, Анте Томиќ, пак, е еден од најсериозните кандидати за МВП-титулата, за што му се даваат 20,8-отсто шанси, додека далеку пред сите е Милош Теодосиќ, за кого би гласале 41,7-отсто од анкетираните менаџери.
Францускиот Бург е најпријатното изненадување во првиот дел од сезоната, додека очекувањата се дека завршниот меч во оваа конкуренција ќе го играат екипите на Виртус Болоња (95,8-отсто) и Уникаха од Малага (45,8-отсто).