Мурињо во свој стил: Марадона нема да ми недостасува, ама многу ќе ми фали – Диего!

Португалскиот тренер на клупата на Тотнем, Жозе Мурињо, на новинарите им призна дека сериозно го погодила веста за смртта на Диего Марадона, кој почина вчера во 60. година од својот живот.

Тој даде одговор во свој стил, а тоа е дека Марадона нема да му недостасува премногу, бидејќи за него секогаш може да прочитаме нешто или да погледнеме некоја негова мајсторија на интернет. Но, на Мурињо ќе му фали Диего, со кого беа големи пријатели.

„Постои Марадона и постои Диего. Марадона беше сето она што јавно можевте да го видите од фудбалот, па до другите работи. Диего беше поинаков и имаше навистина огромно срце. Ми беше пријател бидејќи често се слушавме преку телефон и се сретнавме неколку пати. Кога Марадона ќе ни фали ќе можеме да прогугламе и да се потсетиме на неговата магија, но Диего не можеме да го вратиме и тој човек најмногу ми фали. Денес во соблекувалната на момците им говорев приказни за него и моментите кои ги поминувавме. Најмногу ќе ми недостасуваат повиците кои доаѓаа секогаш после секој пораз и никогаш после победа. Знаеше дека после победа не ми треба повик, но по тешките моменти и поразите секогаш беше тука за мене. Во таквите моменти секогаш ми говореше ‘Моу, немој да заборавиш дека ти си најдобриот на светот'. Тоа најмногу ќе ми недостасува, мој Диего“, напиша на Инстаграм Мурињо.