Нема фудбал викендов во Македонија: Одложено колото поради новите протоколи!

Фудбал викендов во Македонија нема да се игра, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска го одложи предвиденото 11-то коло во Првата лига, односно 10-то коло во двете Втори лиги, после новиот протокол кој беше донесен од Владата, во кој се бара клубвите да се тестираат пред секој меч на свој трошок.

ФФМ објави дека измените во протоколите сега за една недела го одложуваат колото, па сега рундата што требаше да се игра во Првата лига, како и во двете Втори лиги се презакажуваат за следниот викенд на 7 и 8 ноември, но под услов ако се сменат протоколите, посебно во делот на задолжително тестирање пред секој меч на трошок на клубовите.

„Комисија за натпреварување во рамки на Фудбалската федерација на Македонија информира дека поради измени на Протоколот за спроведување мерки за заштита од „Ковид 19“ и стапување на сила на Општиот Протокол за организирање на натпревари, натпреварите од 11. коло на Прва МФЛ и 10. коло на Втора МФЛ - Исток и Запад кои требаше да се одиграат на 31.10.2020. (сабота) и 01.11.2020. (недела), се одложуваат и истите се пренасочуваат за одигрување на 07.11.2020. (сабота) - 11. коло од Прва МФЛ и 10. коло, Втора МФЛ - Исток и Запад на 08.11.2020 (недела)“, објави ФФМ.

Владата пред неколку дена донесе општ протокол за одржување на спортски настани во кој се бара задолжително тестирање пред секој меч, а трошоците да си ги сносат клубовите, што е премногу во ситуација, кога клубовите едвај склопуват буџет за да ја одиграат сезоната, а трошоците за тестирање според актуелните цени, би биле огромен трошок.

Останува да се види дали за една недела ФФМ со комисијата за заразни болести ќе успее да најдат поинакво решение за да продолжи фудбалот во земјава, или практично влегува македонскиот фудбал во нов „локдаун“ после енормното зголемување на заразени во последниве две недели, па практично фудбалот ќе сопре до пролет.