„Немаме никаква заштита од ФФМ, оставени сме сами на себе!“

Играњето фудбал во Македонија, особено во пониските рангови, воопшто не е лесна работа, туку е вечна борба за егзистенција, барем ако се суди според реакцијата на Амир Јашар, доскорешен фудбалер на второлигашот Вардар Форино, кој преку социјалните мрежи ги објави своите проблеми.

Тој ја извести јавноста дека веќе еден месец не е член на овој тим од Втората лига-Запад, а во својот пост удри и по предводниците на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

„Премногу ветувања, празни муабети и манипулации и страна на управата. Има играчи кои зависат од тие средства, со семејства дојдени од други градови и оставени сами на себе, без храна и никаква финансиска поддршка. Немаме никаква заштита од ФФМ, оставени сме сами на себе да се бориме против луѓе кои не го разбираат фудбалот. А, со такви, тешко е да се разбереш“, напиша меѓу другото Јашар.

Вардар Форино во моментов е осмопласиран со 11 бодови.