По Парк, корона и во Аеродром: Еден позитивен на Ковид-19 во таборот на МЗТ!

По екипата на Работнички, коронавирусот „влезе“ и во таборот на најголемиот ривал МЗТ Скопје, од каде што вечерва објавија за еден позитивен на Ковид-19, но не од играчкиот кадар туку од стручниот штаб.

За разлика од „центарци“, каде што заразен беше Американецот Демиер Пирс, кај аеродромци вирусот се појави меѓу луѓето кои работат околу кошаркарите, без да се потенцира за кого станува збор.

„И покрај максималното придржување кон мерките за заштита од коронавирусот, денеска член на стручниот штаб на нашиот тим беше позитивен на тестот на Ковид-19. Тој веќе неколку дена е во карантин, откако кај него се појавија благи симптоми, а по добивањето на неговиот резултат, од вечерва, во самоизолација ќе бидат и нашите кошаркари и останатите членови на стручниот штаб. Во текот на утрешниот ден очекуваме насоки од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, кои претпоставуваме ќе значат тестирање на сите во тимот. Играчите, тренерите и останатиот персонал се чувствуваат добро и никој од нив нема симптоми, но за нивна и општа безбедност тие ќе останат дома се до следните препораки кои ќе ги добиеме. МЗТ Скопје Аеродром постојано апелира на придржување кон мерките за заштита како што се редовна хигиена, носење заштитна маска и држење дистанца, како најсигурни методи за заштита од коронавирусот“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје. 

Поради појавата на коронавирусот во таборот на аеродромци, челниците на овој тим ја откажаа утрешната пријателска средба против Гостивар. Неофицијално, позитивен на Ковид-19 има и во таборот на ФМП, каде што еден од кошаркарите имал позитивен тест.