Нова доза шпекулации од Турција: Трабзон ќе го земел Елмас на заем?!
Според последните најави, Трабзонспор го посакува Елмас да го земе на заем и тоа наводно поради фактот дека Наполи е подготвен да го даде младиот македонски репрезентативец на едногодишен заем во клуб каде дополнително ќе се развие и ќе биде подготвен по новата сезона, да влезе како сигурен првотимец во таборот на наполитанците.
Турците го цитираат менаџерот Енрико Феделе, кој посочил дека 90 отсто е сигурно заминувањето на заем на Елмас, а Турција би била идеална дестинација зашто Елмас веќе има искуство од играње во турската Суперлига и лесно би му било прилагодувањето, а Трабзон е тим каде што може преку постојани мечеви да напредува.
Македонскиот бисер не е постојано стартер во Наполи, но добива минутажа кај Џенаро Гатузо, а веќе освои и еден трофеј, Купот на Италија. Италијанските медиуми веќе неколкупати посочуваа дека иднината на Елмас е под Везув, а и дека наскоро ќе потпише нов договор до 2025 година, што и од раководството беше најавено, но сето тоа не е изгледа доволно за да се шпекулира со иднината на младиот фудбалер.