Скандал во Италија: Јувентус криел дека Ругани е заразен со Ковид-19?

Нов скандал ја тресе Италија откако девојката на заразениот фудбалер на Јувентус, Даниеле Ругани, во јавност жестоко го критикуваше гигантот.

Ругани беше првиот заразен фудбалер со Ковид-19 во Серија А, а неговата девојка Микела Персико сега ја критикуваше управата на „Старата дама“, која наводно знаела дека нивниот фудбалер е болен, но тоа не го објавила.

Дефанзивецот бил тестиран уште на осми март на мечот меѓу Јувентус и Интер, а резултатите пристигнале веднаш.

„Даниеле се врати дома од тренинг, не се чувствуваше добро, имаше температура и го извести тимот дека ќе преспие на друго место. Се разбуди и беше подобар, а клубот реши да го тестира на Ковид-19. Знам дека сигурно направи тест на осми март, а јас на 16 март“, вели Персико.

Луѓето од Јувентус одговорија на обвинувањата дека се лажни затоа што резултатите, според нив, пристигнале на 11 март и клубот веднаш ја известил јавноста.