Циркузи во Неапол: Тимот има четири фракции, младите како Елмас не знаат што да прават!
Наполи по кризата која започна со „бојкотот на карантинот“ од фудбалерите заврши со отказ за Карло Анчелоти, но Џенаро Гатузо за пет меча запиша уште полоши резултати, иако дојде како „шок терапија“ која треба да го врати тимот на победничките патеки. И додека Гатузо го игнорира македонскиот бисер Елиф Елмас (само 24 минути во петте меча во Серија А“, угледната „Газета дело Спорт“ објави дека проблемот под Везув е многу поголем и подлабок од само лошите настапи на избраниците на Гатузо.
Според „Газета“ големата разединетост на соблекувалната е еден од најголемите проблеми, па се посочува дека во моментов има четири фракции и таа поделеност, во која секој влече на своја страна не најавува подобри денови за Наполи. Така Гатузо освен тактичките подготовки има дополнителен товар да изигрувал „помирувач“ во соблекувалната за да го врати тимскиот дух.
Предводници на една од фракциите се Хозе Калјехон, Дрес Мертенс, Калиду Кулибали и Алан, истите тие фудбалери кои беа обвинети од првиот човек на клубот Аурелио Де Лаурентис сека биле предводници и во бојкотот против карантинот што го наредил во септември годинава. Втората фракција била со фудбалери кои имаат некакви проблеми околу продолжувањето на договорите како Аркадиуш Милик, Никола Максимовиќ и Пјотр Зиелински. Третата е со фудбалери кои се на цена, како Фабијан Руиз или Лоренцо Инсиње, а четвртата фракција која е практично најмирна е составена од најмладите и тука е и македонскиот бисер Елмас.
Според „Газета“, младата фракција ја сочинуваат Ди Лоренцо, Луперто, Лозано и Елмас, кои практично не знаат што да прават и не знаат на која страна да се приклучат во големата разединетост на главните ѕвезди. Весникот потенцира дека Наполи веројатно во јуни ќе прави сериозна и темелна реконструкција во која ќе мора прво да се врати тимскиот дух, а незадоволните практично би го напуштиле клубот.