Аматерските подготовки и лошите засилувања на Вардар му донесоа - европски резил!

Македонскиот шампион Вардар одигра натпревар за заборав против фински КуПС (0-2), кој можеби е еден од најлошите во историјата во настапите на европска сцена.

Црвено-црните прикажаа аматерски фудбал, но овој пат против себе немаа група граѓани собрани од улица против кои играа на подготовките во Италија туку добро организиран ривал, кој им покажа како се игра модерно. Многуте голови дадени против анонимни тимови донесоа нереални очекувања кај „моќниот Вардар“, кој вечерва личеше на дружина собрана пред кооперација, наместо на првак на една држава.

Нападот немаше идеја, како да ја потроши целата муниција во триумфот над Норча со 12-0, а новите фудбалери покажаа дека се сè освен - засилувања. Поради тоа, македонскиот тим не само што не даде гол туку не направи ниту полушанса. Купс за денешниот Вардар делуваше како гигант кој си поигрува со ривалите, уште еден доказ дека овој тим на црвено-црните не е зрел за ништо повеќе од носење срам на македонскиот фудбал.

Спортските флоскули во вакви ситуации секогаш велат дека ништо не е загубено и дека има уште 90 минути во кои сè е можно. Но, за вардарци тоа дефинитивно не важи, барем не со ваков аматерски пристап и игра. Вардар вечерва покажа дека е сè освен моќен, односно дека е зрел за секоја критика за начинот на кој одигра, односно со кој му нанесе голем срам на макфудбалот.

Реваншот е за седум дена во Финска.