Ги нема Џејмс и Дејвис - тоа не е проблем за Лејкерс (ВИДЕО)

Лос Анџелес лејкерс дојдоа до триумф од 125-110 на гостувањето кај Оклахома во рамки на НБА-лигата. 

Триумфот е значеаен за тимот од Лос Анџелес поради фактот што беше остварен без двете најголеми ѕвезди Ентони Дејвис и Леброн Џејмс и тоа против Тандер, кои се во одлична форма и победија на 11 од последните 13 средби. Дејвис го пропушти вториот натпревар по ред, откако минатата недела заработи тежок пад на дуелот против Њујорк, додека Џејмс имал симптоми на грип, па затоа го прескокна гостувањето кај Охлахома.

Кајл Кузма доби повеќе простор да се докаже во нападот и воопшто не разочара, па натпреварот го заврши со рекордни за него сезонава 36 поени. Ражон Рондо имаше 21 поен, 12 скока и 8 асистенции, а двоцифрен ефект во нападот имаа и Кентавиус Калдвел-Поуп (11), Квинси Кук (13), Двајт Хауард (12 поени и 14 скока), Трој Даниелс (12) и Алекс Карузо (11).

Данило Галинари и Шаил Гилгеус-Александер со по 24 поени беа најефикасни во редовите на Оклахома.

Кливленд го изненади Денвер и славеше со 111-103 на гостински паркет. Ова е само втора победа сезонава за Кавалирс против тим кој има позитивен скор. Нагетс очигледно имаат проблем против послабите тимови во лигата, бидејќи шест од вкупно 12 порази дојдоа од тимови кои имаат 15 или помалку победи во Лигата. Најефикасен беше Колин Секстон со 25 поени,  Кевин Лав имаше 19 поени и 15 скока, а дабл-дабл оствари и Тристан Томсон 18 поени и 13 скока кај победничкиот тим. 

Нагетс имаа очаен шут за три поени со 8/39. Џамал Мареј со 24 поени беше најдобар во составот на домашниот тим, додека Никола Јокиќ забележа дабл-дабл со 19 поени и 12 скока.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Бостон - Њу Орлеанс 140-105
Детроит - Чикаго 99-108
Далас - Филаделфија 109-91
Портланд - Милвоки 101-122