Раул изненади, нов голман во репрезентативниот список
Ново име на списокот е голманот Јане Цветковски. Има 30 години и веќе неколку сезони е интернационалец, но изгледа си го најде своето место во шведскиот Истад, па се истакна доволно за да го фати радарот на македонскиот селектор. Цветковски потекнува од Тинекс Пролет, играше во Словачка, во екипата на Тополчани, во БиХ, во екипата на Босна, а во Шведска замина лани, прво во Хелсинборг, сега во Истад, тим од горниот дел на табелата, кој се бори за место во Европа.
Тој е новина во составот со 21 играч, покрај Борко Ристовски, Никола Митревски и Златко Даскаловски на голманските позиции. Отпаднаа младите Мартин Томовски и Даниел Ѓорѓески, кои досега добиваа шанса во пошироките списоци. Повратник е Немања Прибак, по добрите настапи во Бешикташ.
Како што најави и претходно, селекторот Гонзалес ќе ја искористи оваа ЕХФ-недела за тренинзи во Скопје, без пријателски натпревари и тестови.
СПИСОК НА ПОВИКАНИ РАКОМЕТАРИ ЗА ПРВ СОБИР
ЕХФ НЕДЕЛА (23-29.10.2017)
Голмани: Борко Ристовски, Никола Митревски, Златко Даскаловски, Јане Цветковски
Крила: Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски
Бекови: Филип Талески, Филип Кузмановски, Марко Нелоски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Мартин Велковски, Филип Миркуловски, Немања Прибак
Пикери: Стојанче Стоилов, Никола Маркоски, Жарко Пешевски
Дефанзивци: Велко Маркоски, Аце Јоноски