Терзиевска: Имаме шанси за изненадување ако одиграме паметно и дисциплинирано

Македонската женска репрезентација викендов ќе ги одигра првите два натпревари од Европската лига 2026, а селекторот Милош Гавриловиќ за првпат ќе ја води подмладената селекција.

Атмосферата во репрезентацијата е на високо ниво, а македонската одбојкарка Теа Терзиевска вели дека може да ги изненадат Унгарија и Португалија.

„Позитивно расположени влегуваме во ова издание на Европската лига. Свесни сме за квалитетот на противниците со кои ќе се соочиме не само на овој турнир, туку и на другите два. Истовремено веруваме и во себе. Имаме нов стручен штаб и подмладен тим, но напорно работевме на градење на еден нов систем, има убава хемија и енергија меѓу одбојкарките и сите сме нетрпеливи да докажеме зошто секоја од нас доби шанса да биде во составот. Ни недостасуваат дел од поискусните како Стојанова, Баталаковска… но ќе се обидеме ние кои имаме подолг репрезентативен стаж да им дадеме колку што можеме повеќе поддршка на помладите и ќе дадеме се од себе да изненадиме. Унгарија и Португалија се поквалитетни од нас и искрено мислам дека ќе нè потценат, а и од она што го имаме како информации и што ги анализиравме имаме и простор за изненадување, секако доколку играме паметно и дисциплинирано. Ќе имаме шанса да го гледаме и дуелот меѓу Унгарија и Португалија денеска и тоа ќе ни овозможи да добиеме уште подобра слика за противниците“, кажа Терзиевска.

Првиот натпревар се игра утре против Унгарија од 18 часот. 

Фото: Одбојкарска федерација на Македонија