Фудбалска бајка во Шведска: 119 години чекаат титула, а сега газат во првенството!
Сириус во неделата славеше против Гетеборг со 4-1 со што ја зголеми предноста пред конкуренцијата. Екипата има 38 бодови, односно 11 поени повеќе од второпласираниот Хамарби, кој има одиграно и еден меч повеќе од ривалот.
Уште поимпресивно е тоа што Сириус оваа сезона нема загубено натпревар во првенството, односно има 12 победи и две ремија, а притоа постигна дури 40 голови.
Клубот е формиран во 1907 година, а првиот голем резултат го постигнал во 1924 година кога стигнал до финалето на тогашното натпреварување за шампион на Шведска. Во завршниот меч загубил со 0-5 од Фасбергс и потоа никогаш не се приближил до трофејот.
Првата сезона во најсилната лига Сириус ја одиграл во 1969 година, но веднаш испаднал од елитата. Потоа кратко се враќал во 1973 и 1974 година, но потоа следеле децении поминати во пониските лиги.
Сириус се враќа меѓу најдобрите во 2016 година, а првата сезона по кам-бекот ја завршува на седмото место и тоа е најдобар резултат во елитата. Во следните години Сириус завршува во долниот дел од табелата, но оваа сезона сè е различно и ако продолжи во ист ритам дефинитивно би можел да го крене пехарот и да испише историја.
Фото: IK Sirius Fotboll