УЕФА откри во која група и во кои градови би играла Македонија на Евро 2020!

Македонската фудбалска репрезентација во март идната година ја очекуваат, се надеваме, двата клучни мечеви за пласман на Евро 2020 со баражите од плејофот во Лигата на нациите, ама црвено-жолтите во сабота (30 ноември) во Букурешт ќе дознае со кого сè ќе игра на континенталниот шампионат, ако успее историски за првпат да се пласира.

Бидејќи Македонија се бори во Д-сегментот во Лигата на нации, победникот од овој најслаб сегмент во плејофот ќе се најде автоматски во групата Ц, во која домаќини се Амстердам (Холандија) и Букурешт (Романија). Во оваа група сигурен учесник е Холандија од вториот барабан, а Украина од првиот ќе биде наш противник (не може во група со Русија), додека од третиот ќе се чека исход на ждрепката од потенцијални ривали како Португалија, Турција, Австрија, Шведска и Чешка.

Но, поради комплексниот формат на Евро 2020, кој ќе се игра во 12 градови низ Европа, но и поради многуте домаќини, кои имаат право да играат пред своите гледачи, како и проблемот околу евентуален настап на Косово, кое не може да игра со Русија, Србија, БиХ..., барем 60 отсто од ждрепката е веќе позната. Вториот проблем е што Романија и Унгарија се едни од земјите домаќини, а играат плејоф, па... Романците ако успеат да се пласираат на Евро 2020, ќе не сместат во друга група.

Романија игра во А-дивизијата во плејофот на Лигата на нации со Исланд во Рејкјавик, а потоа евентуално финале во Софија или Будимпешта со подобриот од дуелот Бугарија – Унгарија. И ако Романците успеат да стигнат до виза, тогаш Македонија наместо во групата Ц ќе биде преместена во групата Ф, зашто Романците ќе мора да си играт во својот Букурешт.

Така по ова сценарио, Македонија би заминала во група во која домаќни се Минхен (Германија) и Будимпешта (Унгарија), а засега сигурен евентуален противник е бившиот светски и еврпски првак Германија. Од вториот барабан можен ривал е светскиот првак Франција, потоа Полска, Швајцарија и Хрватска, додека од третиот остануваат истите како и за првата варијанта во групата ц – европскиот првак Португалија, Турција, Австрија, Шведска и Чешка.

Така Португалија од третиот барабан е најспектакуларниот ривал кој и во двете групи би можел да нѝ падне, под услов прво да се пласираме на континенталниот шампионат, ама ако Романија не премести во последната група, можно е на дебито на континенталните шампионати да играме во најспектакуларната можна група, против актуелен светски првак (Франција), актуелен европски првак (Португалија) и најтрофејната европска селекција (Германија). За македонските навивачи групата е уште подобра зашто мечеви ќе играме во Минхен и Будимпешта, градови со кои има директни летови со „Виз Ер“.

Македонија за пласман на Евро 2020 ќе мора да го помине Косово во полуфиналето кое најверојатно ќе се игра во Скопје, а потоа во финалето на гости да биде подобар од Грузија (Тбилиси) или Белорусија (Минск или Борисов).

ПРВ БАРАБАН: Белгија, Италија (домаќин), Англија (домаќин), Германија (домаќин), Украина

ВТОР БАРАБАН: Франција, Полска, Швајцарија, Хрватска, Холандија (домаќин), Русија (домаќин)

ТРЕТ БАРАБАН: Португалија, Турција, Данска (домаќин), Австрија, Шведска, Чешка

ЧЕТВРТИ БАРАБАН: Велс, Финска, победник А-дивизија, победник Б-дивизија, победник Ц-дивизија, победник Д-дивизија

РАСПОРЕД НА ГРУПИ ПО ГРАДОВИ

ГРУПА А: „Олимпико“ - Рим, Олимписки стадион – Баку

ГРУПА Б: Крестовски - Санкт Петербург, Паркен – Копенхаген

ГРУПА Ц: Јохан Кројф Арена – Амстердам, Национална Арена – Букурешт

ГРУПА Д: Велмбли - Лондон, Хампден парк – Глазгов

ГРУПА Е: Сан Мамеш – Билбао, Авива – Даблин

ГРУПА Ф: Алијанц Арена – Минхен, Ференц Пушкаш – Будимпешта