Македонскиот ракометен вицепрвак, Еурофарм работник, го претрпе првиот пораз во  СЕХА-лигата. На гостувањето во хрватскиот главен град, битолчани загубија од ППД Загреб со 24-23.

Откако загуби во Лигата на шампионите од Барселона, минатиот викенд, Веселин Вујовиќ, не дозволи неуспех и на првиот меч во СЕХА, по неговото враќање на клупата на Загреб.. Го совлада Еурофарм тесно и тешко, сепак, нанесувајќи му го првиот пораз во регионалната конкуренција и тоа неколку дена откако Стевче Алушовски и неговите момци ликуваа над големиот Веспрем.

Еурофарм имаше надеж некаде до пет минути до крајот, кога резултатот беше 22-21 за Хрватите, како продолжение на играта гол за гол веќе некое време. Марин Вегар погоди статива во следниот напад и го загуби чекорот зад ривалот. Владислав Остроушко постигна гол од пенал, на девет секунди до крајот, само за да го направи и овој пораз (како и трите во ЛШ) минимален.

Претхоно во текот на натпреварот, Еурофарм имаше и водство, како 5-3 во 10. минута или 11-10 на минута до истекот на првото полувреме, пред Загреб да погоди за 11-11 на паузата. 

„Плинарите“ почнаа многу подобро во второто полувреме, бргу создадоа предност и од три разлика (17-14) до 40. минута, но Еурофарм се врати и изедначи на 19-19. До крајот се играше гол за гол или со минимална предност за Загреб, кој, сепак, беше за нијанса подобар. Ловро Јотиќ и Владислав Остроушко со по пет гола беа најдобри во македонскиот тим, а изостана поголема поддршка од голманите, Митревски имаше пет интервенции. Кај Загреб тројца имаа по четири гола: Хорват, Мраковчиќ и Шипиќ.

На табелата во групата Б сега Еурофарм остана на 9 бода, на првото место, но сега со еден пораз, идентично како и Веспрем. Загреб дојде до шест бода. Следниот натпревар за Еурофарм во СЕХА е, моќеби уште потежок, на гости кај Мешков Брест, во вторник.