Реал Сосиедад против Вардар без најголемото летно засилување?
Јанузај се соочува со „недефиниран период“ на пауза од терените, објави шпанскиот клуб денеска, откако Белгиецот почувствувал болка во коленото по поразот на Сосиедад во Санкт Петербург од Зенит со 1-3 во четвртокот во второто коло во Лига Европа во групата Л во која црвено-црните беа поразени со ист резултат на гостувањето кај Розенборг во Трондхајм.
Како што објави баскискиот клуб, по направените снимки со магнетна резонанца, резултатите покажале дека може да биде сериозен проблем.
„Аднан Јануај го заврши мечот со Зенит без проблем или некаков удар, но час подоцна тој почувствува силна болка во десното колено. Вчера му беше направена резонанца и таа покажа дека има проблем со умерена ефузија, која можеби е во врска со претходната операција на менискусот. Првичниот план е да одмара и да оди на рехабилитација. Кога ќе се врати на теренот, зависи од неговиот период на рехабилитација“, објави Сосиедад.
Вардар ќе го дочека Реал Сосиедад на Националната Арена „Филип Втори“ на 19 октомври од 19 часот во третото коло во групата Л во Лига Европа.