Фелипе ги собра сите аплаузи во Трондхајм! (ФОТО+ВИДЕО)
На црвено-црните им се повтори Зенит, не по убедливиот пораз, туку поради максималниот ефект на реализација на ударите кон голот на Филип Гачевски, па Норвежаните од три шанси постигнаа исто толку голови (вкупно имаа четири шута) за да ја забележат својата прва победа во оваа сезона во групите, а на Вардар да му го нанесат вториот пораз. Интересно, црвено-црните имаа повеќе удари кон противничкиот гол, а загубија.
Немаше среќа Вардар денеска да се избори за подобар резултат, иако имаше свои неколку одлични шанси на мечот, а дури во 90-та минута го постигна својот прв историски погодок во Лига Евопа. По само 180 секунди игра, Дејан Блажевски од 20 метри погоди дирек, а дефанзивците на Розенборг спасија чист гол на осум минути пред крајот, по ударот на Бесир Исени, кој го спасија на гол-линијата. Бобан Николов имаше добра можност, но лошо биеше во 16-та минута, а и Тигран Барсегјан имаше одличен удар на десет минути пред крајот, но противничкиот голман го одбрани тој удар. На крајот, Фелипе му успеа да ги собере аплаузите со мајсторскиот лоб со кој црвено-црните постигнаа почесен погодок на дуелот.
За разлика од Вардар, Розенборг од првата вистинска шанса стигна до водство. Висар Муслиу направи пенал врз Никлас Бендтнер, кој го реализираше ударот од белата точка во 23-та минута, а потоа Андерс Кондрадсен со прекрасен гол го дуплираше водството во 56-та минута. Дванаесет минути подоцна Вегар Еген Хегенштад ја запечати победата со рутинска реализација, најмногу поради мајсторската асистенција со петица на „лордот“ Бендтнер.
Следен меч на Вардар е дуелот во Скопје со Реал Сосеидад на 19 октомври (19 часот).