Растур-систем во „мајсторката“: Ц. Звезда ја понижи Будуќност и се врати во Евролигата!

Кошаркарите на Црвена звезда се нови победници во регионалната АБА-лига, откако вечерва неочекувано лесно и ептен убедливо ја растурија екипата на Будуќност (97-54) во петтиот решавачки меч од финалната плејоф-серија.

Пресметката доцнеше еден час поради немилите сцени на паркетот, кога хулигани го нападнаа гостинскиот тим додека од сите страни кон нив летаа тврди предмети. Но, кога работите се смирија, атмосферата беше како што доликува, а црвено-белите одиграа маестрално, пред сѐ во одбраната за што говори бројот на примени поени.

Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога на семафорот стоеше резултатот 47-21. Сето останато беше рутинско одбработување на задачата, па на моменти дури и иживување на Ц. Звезда над големиот ривал. Кејси Риверс со 21 поен беше најпрецизен кај домашната екипа, додека Норис Кол со девет поени беше најефикасен кај составот од Подгорица.

Со овој триумф со 3-2 во серијата, белграѓани дојдоа до џекпотот, а тоа е враќање во Евролигата во која сезонава играше токму Будуќност по триумфот во ланското големо финале. Но, ова не е крај на возбудувањата во регионалното натпреварување, со оглед што утре МЗТ Скопје ќе го одигра вториот меч од баражот против Задар (18 часот) за враќање во АБА. Сино-белите водат со 1-0 во серијата што се игра до две победи.