
Борко: Почнува нова ера, сакам квалитетна игра, различна од таа досега!
Секако дека сакаме резултат, впрочем, за бодови се игра, а нам ќе ни требаат за да го надоместиме непланираниот пораз од Грција. Ристовски се согласува дека имаме поправање, но прво посакува да „кликнат“ како тим со новиот селектор, бидејќи промените некогаш се предност за противникот.
„Имаме за поправање во овие квалификации, оној натпревар што најмногу нè боли сите нас. Тоа е што е, одиме понатаму, сега почнуваме еден нов момент, нова ера со нов селектор, со релативно нов стручен штаб и со релативно подновена репрезентација. Сето тоа ќе биде еден плус за Исланд, барем на првиот натпревар, но тоа е секогаш така кога почнувате нешто ново, кога пробувате нешто да промените, се надеваме на подобро“, истакна Борко на денешниот собир.
Според него, важна е суштината, а не формата. Ако Македонија прикаже квалитетна игра, резултатот, најверојатно, ќе дојде.
„Очекувам да одиграме два добри натпревари, во коишто сигурно ќе бараме победи, но според мене многу поважно е да одиграте квалитетно, да покажете квалитет кој селекторот ќе го бара од сите нас. Мислам дека тоа е поважно од тоа да даваме изјави од типот ќе победиме една или две. Според мене многу поважна е суштината отколку формата, тоа е патот по кој треба да одиме – да создаваме игра, која ќе биде различна од она што досега сме го играле. Да создаваме млади репрезентативци кои ќе ја носат оваа репрезентација и ќе остваруваат успеси, минимум, какви што ги имавме ние“, додаде голманот.