Романците со бесплатен влез сакаат да направат „пекол“ за Македонија во Плоешти

Македонската кошаркарска репрезентација задутре ќе го одигра клучниот натпревар за пласман во квалификациите за ЕП 2021 и тоа како гостин против Романија (17 часот), селекција која сака да направи пеколна атмосфера во салата во Плоешти која би им помогнала да дојде до посакуваната цел.

Предводниците на романската кошарка упати јавен повик до сите спортски фанови да дојдат на задутрешниот меч, а истовремено реши ширум да ги отвори вратите односно влезот да биде слободен за сите заинтересирани што сакаат да навиваат за репрезентативците на оваа земја. Капацитетот на салата „Олимпија“ е околу 4.000 седишта, што значи дека ако се исполни до последното место тогаш жолто-црвените би се соочиле со сериозен притисок од трибините, нешто што дефинитивно е желба на домаќинот. Со цел да не дојде до некој инцидент од преголем интерес, организаторот ќе издава билети за заинтересираните по цена од нула леи, пред сѐ да не се појават повеќе луѓе од што има место во салата.

Македонија вечерва ќе го одработи последниот тренинг, а утре ќе замине за Букурешт, а оттаму за Плоешти каде што ќе има кусо запознавање со паркетот пред задутрешната пресметка со Романија. Добра вест е што Ричард Хендрикс тргнал кон Букурешт, каде што ќе биде вечерва како свовидна претходница на нашта селекција, додека со екипата утре кон оваа земја ќе тргне и повредениот Бојан Трајковски. Центарот на Гостивар најави дека ќе стисне заби и дека и покрај проблемите со коленото ќе го одигра овој исклучително значаен меч за македонската кошарка.

Жолто-црвените во мечот ќе влезат со желба за победа, но првото место во групата, кое единствено води директно во квалификациите за ЕП 2021, може да биде осигурано и со пораз од најмногу 14 поени разлика.